Седница на АА во Тетово – се одлучува за настапот на локалните избори

Вечерва од 19:30 часот во Тетово започна седница на Централното претседателство на партијата Алијанса за Албанците (АА), под водство на претседателот Арбен Таравари. Главна тема на состанокот е подготовката за претстојните локални избори.

Додека во просториите на партијата пристигнуваа членови на највисоките тела и општински лидери, генералниот секретар на АА, Блеранд Рамадани, изјави дека фокусот на дебатата е пристапот кон локалните избори што ќе се одржат наесен.

„Дискутираме за тоа како ќе настапиме – нашиот фокус е да ги избереме најдобрите кандидати. Не се бориме за проценти или позиции, туку за механизам што ќе ги издвои најквалитетните луѓе од коалицијата ‘Вреди’, бидејќи тие ќе бидат идните менаџери на општините“, рече Рамадани, одговарајќи на прашање дали партијата ќе настапи самостојно или во рамки на коалицијата „Вреди“.

На новинарско прашање дали евентуално напуштање на коалицијата „Вреди“ би значело и излегување од Владата, Рамадани одговори дека не може да шпекулира:

„Тоа е хипотетичко прашање и не можам да дадам хипотетички одговор. За нас е најважно како ќе настапиме на локалните избори. Овде сме за да го чуеме гласот на нашите членови.“

Во однос на можноста за повторно обединување со крилото на Зијадин Села, Рамадани оцени дека таквиот потег зависи од подлабока политичка анализа.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното