Крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на Законот за прекршоци, кој е основа за имплементацијата на проектот „Безбеден град“. Според Села, Законот е противуставен поради неколку причини, меѓу кои тоа што пораките за прекршоците не се двојазични, казните се испраќаат преку пораки, а системот ќе се применува само во три града.
„Поднесовме иницијатива до Уставниот суд бидејќи Законот се однесува на целото население во земјата и никако не требаше да помине по скратена постапка. Проектот „Безбеден град“ се промовираше повеќе месеци од Владата, а иницијативата за законот беше предложена од пратеници. Прашањето е што сака да сокрие Владата и зошто самата не го предложи законското решение“, изјави Села.
Тој истакна дека Законот крши рамноправност на граѓаните, особено поради тоа што пораките за прекршоците не се двојазични.
„Несериозно е казните да се испраќаат само преку порака. Граѓаните немаат законска обврска да поседуваат мобилен телефон или е-маил адреса, туку само адреса на живеалиштето. Во спротивно, при промена на телефонскиот број или е-маил, би требало тоа да се пријавува во полиција“, рече Села.
Тој додаде дека проектот „Безбеден град“ треба да се имплементира еднакво за сите граѓани и не смее да се ограничува само на три града, како што е предвидено во сегашниот Закон.
