Советот на Општина Прилеп донесе повеќе одлуки насочени кон поддршка на семејствата и унапредување на функционирањето на јавните претпријатија, меѓу кои и мерки за финансиска помош за ученици и новороденчиња.
Со усвојување на Правилникот за доделување еднократна парична помош, секое прваче запишано во основните училишта на територијата на Општина Прилеп во учебната 2026/2027 година ќе добие финансиска поддршка во износ од 3.000 денари. За реализација на оваа мерка, од општинскиот буџет се обезбедени вкупно два милиони денари.
На истата седница беше изгласана и измена на Правилникот за доделување еднократна парична помош за новороденче. Со измената, рокот за поднесување барање се продолжува од досегашните 45 на 90 дена. Оваа мерка се однесува на новороденчиња родени во 2026 година на подрачјето на Општина Прилеп, за кои е предвидена парична помош од 6.000 денари.
Советниците, исто така, ги усвоија одлуките за именување членови во надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење, како и во управните одбори на јавните претпријатија: ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп, ЈКП „Комуналец“, ЈКП „Пазари“, ЈП за ПУП – Прилеп, ЈСП – Прилеп и ЈП за енергетски дејности „Енерго-Прилеп“.
Дополнително, беше донесена одлука со која се утврдува висината на месечниот надоместок за претседателите и членовите на надзорните и управните одбори во јавните претпријатија на Општина Прилеп.
