Секојдневната обврска претставена како успех – Комунална хигиена се пофали дека синоќа подигнала 350 тони ѓубре

Во текот на вчерашниот ден и ноќта, Јавното претпријатие Комунална хигиена-Скопје спроведе активности за собирање и транспорт на комуналниот отпад од контејнерите поставени на повеќе локации во градот. Меѓу нив се булеварот Гоце Делчев до хотел ВИП, булеварите Партизански одреди и Митрополит Теодосиј Гологанов, како и улиците Даме Груев и Џон Кенеди, како и други локации во општина Аеродром. Во рамките на овие активности беа подигнати вкупно 350 тони комунален отпад.

ЈПКХС потенцира дека досега нема добиено одговор од градоначалниците на скопските општини за наводните активности за собирање на отпадот што тие тврдат дека ги спроведуваат. Претпријатието не забележало подигнување на отпад од страна на општинските комунални служби во ниту една скопска општина, што остава прашање дали и на кои локации навистина се спроведуваат овие активности.

ЈПКХС апелира до општините да ја информираат јавноста и да обезбедат транспарентност во однос на управувањето со комуналниот отпад.