Семејството на Теодора Ристовска со остра реакција: „Пресудата е срам за правдата“

Семејството на трагично починатата Теодора Ристовска упати јавно обраќање со кое ја изразува својата длабока болка и револт поради одлуката на Апелациониот суд во Гостивар. Судот ја потврди пресудата на Основниот суд во Тетово, со која обвинетиот Менсур Пајазити од селото Голема Речица е осуден на две години затвор за кривичното дело со кое ѝ го одзеде животот на Ристовска.

„Оваа пресуда е срам за правдата. Животот на Теодора згасна, а казната изгледа како подбив. Наместо вистинска правда, добивме минимализирање на трагедијата која нè скрши“, наведуваат во своето писмено соопштение најблиските на Ристовска.

Семејството остро реагира дека обвинетиот, иако осуден, повторно слободно се движи и дури седнува зад воланот, без да покаже чувство на вина. „За нас, тоа е брутална навреда за сеќавањето на Теодора и за секој кој знае што значи да изгубиш дете, сестра или најблиска личност“, стои во обраќањето.

Ристовски укажуваат и на селективноста и слабоста на правосудниот систем, оценувајќи дека со ваквата блага казна се создава уште поголема недоверба и огорченост кај граѓаните.

„Кога казната е непропорционална со загубата, виновен станува не само сторителот, туку и самиот систем. Трагедијата на Теодора ќе остане наша вечна болка, но срамот на оваа пресуда му припаѓа на правосудниот систем“, се додава во реакцијата.

Семејството најавува дека и понатаму ќе бара одговорност и правда, иако понатамошниот правен пат зависи од Јавното обвинителство. „Животот на Теодора не е бројка во досие — тоа е наша вечна рана. И нема да престанеме да бараме правда, за да покажеме дека жртвите не се оставени сами“, порачуваат најблиските на Ристовска.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.