Северна и Јужна Кореја соопштија дека размениле предупредувачки артилериски истрели долж нивната спорна поморска граница западно од полуостровот, јави Асошиетед прес.
Според генералштабот на Јужна Кореја, нејзината морнарица испукала предупредувачки истрели за да избрка од севернокорејски трговски брод кој наводно ја прекршил нејзината поморска граница рано наутро во понеделникот.
Од своја страна, војската на Северна Кореја соопшти дека одговорила со 10 артилериски гранати од крајбрежните батерии како предупредување за Југот. Пјонгјанг обвини јужнокорејски воен брод дека влегол во севернокорејските води под изговор дека брка неидентификуван брод.
Според јужнокорејскиот штаб, артилерискиот оган на Северот го прекршува меѓукорејскиот договор од 2018 година за ограничување на воената конфронтација и ја поткопува стабилноста на Корејскиот полуостров. Не се пријавени директни судири меѓу двете Кореи.
Лошо демаркираната поморска граница кај западниот брег на Корејскиот полуостров е извор на долгогодишен ќор-сокак меѓу Северот и Југот. Во оваа област беа забележани неколку поморски судири во последниве години, вклучително и два напади во 2010 година во кои загинаа 50 Јужнокорејци.
Инцидентот доаѓа во време на зголемени тензии поради неодамнешната серија ракетни тестови на Пјонгјанг.