Свет

Северна Кореја тестираше нов систем за балистички ракети

Северна Кореја тестираше нов систем за балистички ракети

Северна Кореја тестираше новоразвиен повеќенаменски лесен систем за лансирање проектили и повеќе тактички крстосувачки ракети под надзор на лидерот Ким Џонг Ун, објавија државните медиуми.

Тестирањата биле спроведени вчера, соопшти државната новинска агенција KCNA.

Армијата на Јужна Кореја соопшти дека Пјонгјанг истрелал неколку балистички ракети со краток дострел, помал од 300 километри, како и артилериски ракети од подрачјето околу градот Чонџу, во северозападниот дел на земјата.

Осмо тестирање

Лансирањата биле „дел од планот за модернизација на артилериските и ракетните вооружени сили со цел исполнување на петгодишната стратегија за развој на националната одбрана“, наведува KCNA.

„Тестирањата ја анализираа и оценија моќта на боевата глава на тактичката балистичка ракета за специјални намени, сигурноста на артилериската ракета со продолжен дострел која користи високопрецизен автономен навигациски систем, како и прецизноста на тактичката крстосувачка ракета управувана со вештачка интелигенција“, додава агенцијата.

Според извештаите, Ким ги пофалил тестирањата, оценувајќи дека тие се показател за техничкиот напредок во зајакнувањето на борбената моќ на Северна Кореја.

Ова е осмо тестирање на балистички проектил од страна на Пјонгјанг оваа година. Северна Кореја последен пат истрела неколку ракети со краток дострел на 19 април.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни