Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на денешната прес-конференција изјави дека во пресметката на просечната потрошувачка кошничка ќе бидат вклучени сите видови овошја и зеленчук што се произведуват во земјава.
Како што рече Трипуновски овошјата и зеленчукот ќе се вметнуваат во кошничката етапно, сезонски, зависно од периодот во кој доспеваат и се користат. За оваа цел е веќе изготвен посебен календар кој е доставен до Министерството за економија.
-Точно е дека МЗШВ учествува заедно со другите министерства во креирањето на кошничката и е задолжено за земјоделските производи. Листата на производи е голема и верувам дека кошничката ќе ги содржи сите. Пред се се застапени оние што ги произведуваме во Македонија. МЗШВ согласно Календарот на производство на земјоделски култури изработи посебен Календар – кои земјоделски култури во кој период доспеваат и се користат. Тој список е доставен до Министерството за економија. Знаете дека одредени производи се со сезонски карактер, па во периодот на нивно производство ќе бидат и вметнати во кошничката, изјави Трипуновски.
Според него, во општините каде некои земјоделски култури во изминатиот период претрпеа штети поради ниските утрински температури веќе се формирани комисии за проценка. Откако тие ќе ги достават извештаите до надлежната владина Комисија, утврден ќе биде и процентот на обесштетување.