Алијансата за Албанците денеска на прес-конференција упати остра осуда за настапите на Вевчанскиот карневал, оценувајќи ги како навредливи и морбидни. Тие побараа надлежните институции итно да преземат мерки против лицата кои, според нив, на карневалот ги симулирале настаните од 27 април 2017 година, вклучително и обидот за атентат врз лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.
Потпретседателот на партијата, Исен Шабани, изјави дека ваквите сцени не само што се вознемирувачки, туку и го поттикнуваат говорот на омраза и ги навредуваат чувствата на целата заедница.
-Со враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, овој карневал како да се врати на старата традиција, кога во минатото беше познат по слични навредливи настапи кои поттикнуваа омраза кон Албанците. Го разбираме и фолклорот и сатирата, но не толерираме и не прифаќаме сатира за лични трагедии, за сериозни настани кои сами по себе претставуваат терористички чин, а уште помалку кога исмејувањето е насочено кон жртвата. Настапот на Вевчанскиот карневал е продолжение, можеби и посериозно од нападот и обидот за убиство од 27 април 2017 година. Бараме од надлежните органи и сите политички и институционални фактори да ги казнат ваквите постапки кои влијаат не само на личните и чувствата на семејството на господинот Села, но и на цел народ во земјава и пошироко, рече тој.
Тој истакна дека ваквите инциденти се враќање кон пракси од минатото, кои предизвикуваа тензии и омраза. Според него, сатиричните претстави не смеат да преминат во исмевање на лични трагедии или поттикнување меѓуетничка нетрпеливост.
На прес-конференцијата Шабани повика на воведување на законски мерки кои ќе спречат слични настани во иднина, потенцирајќи дека ваквите инциденти ги навредуваат не само директно засегнатите, туку и целата заедница.
Одговарајќи на прашање поврзано со идното именување на претседател на собраниската Комисија за социјална политика и демографија, откако Илире Даути беше разрешена, Шабани изјави дека пратеничката самата ќе се изјасни за натамошните чекори.