Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ учествуваа на шестиот „Регионален самит на претприемачи на Средна и Југоисточна Европа – 300 најдобри“, што од 22 до 24 март годинава се одржа во Дубровник, Хрватска.
Министерката Апостолска, како што информираат од нејзиниот кабинет, порачала дека со зачленувањето во НАТО и цврстата определба за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, Владата внела политичка стабилност и заедно со економските политики креирала опкружување кое делува охрабрувачки за припадниците на бизнис заедницата.
– Како Влада посветено работиме на поддршка на духот на претприемништвото во нашата економија, нудиме поддршка и тоа конкретна, финансиска, за сите кои воведуваат промени и иновации во економската активност, кои имаат креативни идеи. Претприемачкиот дух го поддржуваме во развивањето на нови механизми за освојување на пазари, за воведување на нови технологии и начини на организација на деловната активност, истакнал Апостолска.