Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Брисел учествуваше на конференција за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, посветена на проширувањето на Унијата, интеграцијата и предизвиците од трансформацијата на земјите од регионов. На самитот, министерката Шекеринска зборуваше на првата сесија насловена како „ЕУ-Западен Балкан: се уште комплицирано“.
Обраќајќи се пред присутните Шекеринска рече дека во политиката во регионов премногу долго се користел изговорот дека се комплицирани прашањата. „Така беше и со односите на Македонија со Грција и со Бугарија, но ние наместо да се оправдуваме дека е комплицирано, работевме да ја смениме ’статус кво’ ситуацијата. Успеавме да го решиме тридеценискиот спор поради лидерството и храброста од двете страни.“, рече министерката.
„Ова лето не само што го склучивме договорот со Грција, туку и го ратификувавме во нашиот Парламент, во моментов ја премостуваме и втората пречка за негово спроведување.Парламентот во два наврати веќе гласаше за уставните измени. Направивме напори за спроведување на успешен процес и сме решени да имаме успешна завршница“, подвлече министерката Шекеринска.
