Поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов на својот Фејсбук профил пишива дека фашизоидните бугарски барања, повеќе од оправдано, кај секого од нас предизвикуваат емотивна реакција.
„Но, одговорни луѓе (не евтини популисти, а бајаги се намножија деновиве) кои сакаат добро на својата држава и својот народ, немаат право на брзи и емотивни реакции. Напротив. Мораат да се обидат да изнајдат рационално и оптимално решение. Но не и решение по секоја цена !!! Токму заради иднината на сопствениот народ и држава.
Дури од кога ќе ги исцрпат сите можности, тогаш и само тогаш, можат да го дадат дефинитивниот одговор. Свесни дека во меѓувреме ќе добиваат критики од јавноста. По цена и на сопствениот рејтинг или дури и на своите политички кариери“, пишува Шилегов.
Тој додава дека македонската држава нема друга алтернатива, освен ЕУ, но, ЕУ која е принципиелна и еднаква за сите.
„И за оние кои се членки и за оние кои тоа допрва ќе станат. Тоа нешто, во моментов, ЕУ за жал, за нас неможе да го обезбеди. Токму затоа е и НЕ за францускиот предлог (веројатно работен со најдобра волја и намера од претседателот Макрон). Искрено се надевам, дека некој во Бугарија конечно ќе запали светло и ќе им стави огледало на ѕидот. За кога ќе се разбудат од Санстефанскиот сон, да можат да видат дека не сме исти !!! Ниту сме биле, ниту ќе бидеме !!!“, појаснува Шилегов.