Шилегов: За дел од обвинетите нема правна основа за кривичното дело „предизвикување општа опасност со смртни последици“

Адвокатот Петре Шилегов денеска посочи дека за голем дел од обвинетите во овој предмет нема правна основа и не постои опис на дело што може да им се стави на товар.

„Уште од почетокот укажувавме на Обвинителството дека квалификацијата на кривичното дело „предизвикување општа опасност со смртни последици“ не е оправдана за дел од обвинетите“, изјави Шилегов.

Тој нагласи дека оваа оценка е потврдена и од страна на стручната јавност, како и од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОК).

Адвокатот објасни дека полицајците кои беа под истрага не можат да бидат обвинети за тоа кривично дело, бидејќи немале законска можност да вршат непосреден инспекциски надзор. Слично, според него, и делот од обвинетите кои постапувале по службена должност во врска со издавање на лиценци не го предизвикале пожарот и не биле овластени да вршат инспекциски надзор.

„Станува збор за еден од најголемите правни случаи со сериозни последици – со 63 жртви. Не смееме да дозволиме системот да се руши преку нанесување неправда на веќе огромната трагедија кај луѓето“, нагласи Шилегов.

Тој потенцира дека вистинската можност е токму тука да се изгради систем кој ќе биде праведен и функционален, без дополнително оштетување на граѓаните погодени од трагедијата.