Со цел поголема заштита на децата во дигиталниот простор, шпанската влада најави мерки со кои ќе се ограничи користењето на социјалните мрежи за малолетници под 16 години. Премиерот Педро Санчес изјави дека се планира забрана на пристапот за оваа возрасна група, а социјалните платформи ќе мора да воведат задолжителни системи за проверка на возраста на корисниците.
Левичарската коалициска влада со месеци укажува на проблемите поврзани со говорот на омраза, порнографската содржина и ширењето дезинформации на социјалните мрежи, оценувајќи дека тие имаат сериозни негативни последици врз младите.
„Нашите деца се изложени на простор во кој никогаш не требало да бидат оставени сами. Тоа повеќе нема да го прифатиме. Ќе ги заштитиме од дигиталниот див запад“, порача Санчес.
Тој потсети дека Австралија во декември стана првата земја која воведе целосна забрана на социјалните мрежи за деца под 16 години, чекор кој внимателно го следат и други држави, меѓу кои Велика Британија, Данска и Франција, кои разгледуваат слични решенија.
Санчес најави и дека Шпанија ќе се приклучи на уште пет европски земји во, како што ја нарече, „коалиција на дигитално подготвените“, со цел заедничко координирање и спроведување прекугранични регулативи, без да открие кои земји се дел од иницијативата.
Дополнително, шпанската влада следната недела ќе предложи закон со кој ќе се повикаат раководителите на социјалните мрежи на одговорност за нелегална содржина и говор на омраза, како и да се криминализира алгоритамската манипулација и засилувањето на нелегалната содржина, најави премиерот.
