Што значи кога на Митровден врне дожд?

Македонската православна црква и нејзините верници денес, на 8 ноември, го одбележуваат празникот посветен на Светиот великомаченик Димитриј Солунски, во народот познат како Митровден. Многу семејства го празнуваат овој ден како крсна слава или именден.

Митровден е празник што е длабоко вкоренет во народната традиција и обичаи. Според верувањата, времето на овој ден го предвидува текот на зимата – доколку врне или е студено, се смета дека ќе следи долга и снежна зима.

Исто така, постои старо верување дека на Митровден човек треба да остане дома, освен ако не е поканет на слава. Се сметало дека оној што ќе ја помине ноќта надвор, цела година ќе скита и ретко ќе биде во својот дом.

Во некои делови постоеле и верувања дека на Митровден никако не треба да се прекоруваат децата, колку и да згрешиле, бидејќи наводно цела година ќе бидат непослушни.

Кој бил Свети Димитриј?

Свети Димитриј живеел во третиот век во Солун и бил висок воен старешина во времето на римскиот цар Максимин Трак. Роден бил во благородно семејство кое долго немало деца, па затоа неговото раѓање се сметало за Божји дар.

Иако имал висока титула, Свети Димитриј бил предан христијанин и наместо да го гони христијанството, го проповедал. Кога царот дознал за тоа, наредил да биде уапсен и казнет. Димитриј бил избоден со копје додека се молел во затвор, и така го завршил својот живот како маченик за верата.

Почит и мошти

Христијаните од Солун тајно го погребале неговото тело, а на местото на неговиот гроб подоцна бил изграден храм во негова чест. При ископувањето на темелите биле пронајдени неговите мошти, кои биле сметани за чудотворни.

Свети Димитриј бил прогласен за светец и заштитник на градот Солун. Неговите мошти подоцна биле однесени во Италија, каде останале околу осум века, а во 1978 година најголемиот дел бил вратен во Солун, каде и денес се чуваат во црквата „Свети Димитриј“.