Штрајк на кабинскиот персонал на „Луфтханза“, откажани стотици летови

Кабинскиот персонал на германската авиокомпанија „Луфтханза“ на полноќ започна штрајк, потврди портпаролка на синдикатот УФО, а откажани се стотици летови.

Околу 20.000 стјуардеси и стјуарди се повикани да го прекинат работењето до 22 часот во петок.

Синдикатот УФО повика на штрајк во обид да се надмине застојот во преговорите за платите со главната авиокомпанија на „Луфтханза“ и нејзината регионална подружница „Луфтханза CityLine“, која исто така е погодена од штрајкот.

Ова е трет голем штрајк годинава во најголемата германска авиокомпанија, по двата круга штрајкови на пилотите.

„Луфтханза“ најави вонредни мерки, но веќе однапред откажа стотици летови.

Во Франкфурт, најголемиот центар на авиокомпанијата, откажани се околу 75 отсто од приближно 350 планирани поаѓања на „Луфтханза“, покажуваат распоредите на летови на аеродромите, а слична е ситуацијата и со слетувањата.

Официјално се погодени само поаѓањата во Германија, вклучително и центрите во Минхен и Франкфурт, како и на други аеродроми како Лајпциг/Хале, Берлин и Штутгарт.

Но, со оглед на тоа што некои авиони во моментов се наоѓаат на странски дестинации, се очекува дека ќе бидат откажани и бројни повратни летови за патниците, во време на велигденските празници.

„Луфтханза“ ги советува патниците да го проверат статусот на својот лет пред патувањето, укажувајќи дека можат да направат нова резервација на билети или да добијат поврат на средства.

Познато е дека во случај на доцнење подолго од три часа, патниците имаат право на обештетување.

Авиокомпанијата мора да обезбеди и алтернативен превоз, како и оброци и сместување каде што е потребно.

Штрајкот следува по предупредувачки штрајк и синдикално гласање кое покажало силна поддршка од кабинетскиот персонал на „Луфтханза“ за ваква акција.

Синдикатот UFO соопшти дека спорот настанал поради застојот во преговорите за колективниот договор на „Луфтханза“ и фактот што компанијата одбила да преговара за социјален план за „Луфтханза CityLine“.