Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, оствари средба со претставници од ЗИП Институтот и учесници на првото Граѓанско климатско собрание, на која централна тема беше аерозагадувањето и граѓанските решенија за негово надминување.
Шукова порача дека препораките од собранието треба да бидат основа за новата еколошка политика на градот, која нема да биде маркетинг, туку „план за опстанок“. Таа се обврза дека граѓаните и науката ќе бидат во срцето на идните политики за Скопје.
Меѓу приоритетите, Шукова ја најави реформата на јавниот превоз со еколошки автобуси и редизајн на улиците за велосипедисти и пешаци, како и поддршка за домаќинствата во преминот кон еколошко греење со субвенции и долгорочни решенија. „Ако сакаме почист воздух, мора да се справиме со затоплувањето во домаќинствата – тоа е реалниот предизвик“, нагласи таа.
Шукова предупреди и на нефункционалноста на јавните претпријатија, оценувајќи дека без реорганизација и вложување во човечки ресурси, ниту една стратегија нема да даде резултати. „Имаме документи и стратегии, но немаме имплементација. Сè што треба да направиме е веќе измислено, само треба да почнеме да го применуваме“, рече кандидатката.
На средбата присуствуваше и пратеникот и поранешен вицепремиер за економија, Фатмир Битиќи, кој истакна дека промените доаѓаат со поставување на системи што функционираат, а не со спектакли. Тој како пример наведе европски градови каде ограничувањето на сообраќајот за загадувачки возила дало мерливи резултати, додавајќи дека во Скопје улиците се чистат еднаш на 14 дена, а комуналната хигиена е сведена на добра волја на граѓаните.
„Тоа не е политика, тоа е хаос. А од хаос, нема напредок“, рече Битиќи.
Заклучокот на средбата беше дека институциите, граѓаните и стручната јавност мора да работат заедно, а не паралелно. „Вистинскиот напредок нема да дојде преку камери и ПР акции, туку преку дневна, упорна работа на системот што ќе функционира без разлика кој е на власт“, истакна Шукова.
Таа испрати порака дека Скопје не смее повеќе да биде град на пропуштени шанси, обвинувајќи дека во изминатите четири години под водство на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска градот стагнирал. „Доаѓа време кога Скопје ќе престане да биде синоним за разочараност. Верувам во град каде воздухот е чист, институциите достапни, а јавниот интерес над приватниот“, додаде Шукова.