Сиљановска-Давкова демантира: Нема преговори со Велика Британија за прием на мигранти!

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска изјави дека, според информации добиени од британскиот амбасадор и од Владата, неточни се тврдењата дека Северна Македонија преговарала со Велика Британија за прифаќање мигранти на своја територија.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со дел од објавите во британските медиуми и актуелната дебата за мигрантската резолуција што ја најави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, Сиљановска-Давкова истакна дека темата повторно се интензивирала деновиве, иако за неа се зборувало уште при склучувањето на стратешкото партнерство меѓу двете земји.

„Колку што јас сум информирана од британскиот амбасадор и од Владата, тоа не е точно. Мојот став е дека ако се работи за лица кои се опасност за Британија, тие се подеднакво опасни и за нас и јас сум против нивен прием“, рече претседателката, додавајќи дека резолуции или политички позиции мора да се темелат на факти и докази.

Таа нагласи дека не треба да се создаваат дополнителни поделби врз основа на недоволно проверени информации, посочувајќи дека медиумските написи не секогаш се конечен извор на вистина.

Сиљановска-Давкова ова го изјави по отворањето на Меѓународниот форум „Глокализација 2.0: Одржлива родово одговорна иднина”, организиран од Регионалната мрежа за родово одговорно буџетирање (GBWN).