Сиљановска-Давкова додели признанија на истакнати членови на дијаспората за придонес во науката и хуманоста

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го врачи признанието, кое во соработка со Македонија 2025, се доделува на истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во економскиот развој, здравството, социјалната сфера, образованието, науката, културата и во други области.

Оценувајќи ја работата на Македонија 2025 како обединувачка, плодна, успешна и корисна, таа информираше за процесот на формирање Совет за дијаспора како институционален облик на соработка и постојана комуникација со дијаспората, којашто ќе овозможи нејзина интеграција во македонските работи.

За исклучителна научна работа признание доби д-р Светлана Мојсов, светски позната професорка на Универзитетот Рокфелер во Њујорк, која остави длабок и траен белег врз модерната медицина.

Признание за извонредната поддршка и медицинска помош доби Хуманитарното здружение „ЛецКер  а.с,б.л.“ (LetzCare a.s.b.l) од Луксембург, а наградата ја прими неговиот претседател Сафет Алили.

За претседателката хуманоста и солидарноста се вградени во нашиот код и крунисани со животната приказна и дело на Мајка Тереза. „Очекува“, рече таа, „ова признание да инспирира и многу други нашинци на правење хумани дела, особено важни за најранливите сограѓани“.

Сиљановска-Давкова истакна дека давањето признание на личности и организации од дијаспората е етички и морален чин на вреднување на добрите дела и докажување на нераскинливото заедништво со нив.

На средбата со Бордот на директори, по успешните, но и емотивни приказни на врвни бизнисмени и истакнати претставници на дијаспората се потенцираше важноста на негувањето и пренесувањето на чувството на припадност од генерација на генерација, како неопходно во зачувувањето на националниот идентитет.

Таа истакна дека со „Македонија 2025“ споделуваме иста визија: да станеме компетитивен регионален економски играч, да имаме енергетска сигурност, да бидеме држава со успешен образовен и научен систем, поврзан со вештачката интелигенција и дигитализацијата, да градиме еколошка и правна држава, со силно граѓанско општество и демократска јавност.

Укажувајќи на светскиот и европскиот амбиент на неизвесност од секаков тип, од мировен до еколошки, таа ја нагласи потребата од соработка, единство и зацврстување на односите со дијаспората во сите сфери, интегрирајќи ја во македонското општество.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното