Сиљановска-Давкова во Њујорк: Младите мора да бидат наши партнери во реформирањето на ОН

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на сесијата посветена на 30 годишнината од Светската програма за млади, што се одржа во рамки на 80. Генерално собрание на ОН.

Таа укажа на потребата младите генерации да добијат заслужено место во оформувањето на иднината на Обединетите нации и ја потенцираше важноста на стратегијата Youth2030 како основа за активно, а не само симболично вклучување на младите во реформите на ОН на сите нивоа.

Учесниците на сесијата говореа на теми посветени на улогата на младите во глобалниот развој.

Се дискутираше за „Светската програма за акција за млади: забрзување на глобалниот напредок преку меѓугенерациска соработка“, како и за „Унапредување на спроведувањето на Светската програма за акција за млади со цел никој да не изостане“.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитувана претседателке на Генералното собрание на Обединетите нации, госпоѓа Аналена Бербок,

Почитуван помошник Генерален секретар за млади, господине Фелипе Полие,

Драги млади,

Чест е да бидам со вас денеска, кога одбележуваме 80 години од Обединетите нации и 30 години од Светската програма на акција за млади.

Во младоста ме привлекуваа филозофските стихови на Пинк Флојд, особено песната „Another Brick in the Wall“, во која тие го отфрлаат образованието засновано на контрола на мислата и им порачуваат на наставниците да ги остават децата на мир. Кога станав универзитетски професор, често ја имав оваа субверзивна песна на ум. Затоа денес не сум тука за да ви предавам, туку за да бидам инспирирана од вас. Низ историјата, вашите врсници не се плашеа да проговорат, да ги предизвикаат авторитетите, да го отфрлат догматизмот и да се борат за идеали, понекогаш по цена на сопствените животи.

Сетете се на студентските протести во Париз во 1968-та, на Прашката пролет против тенковите на Варшавскиот пакт во 1969-та, на протестите против војната во Виетнам. Сетете се на студентскиот пркос на плоштадот „Тијананмен“ и падот на Берлинскиот ѕид во 1989-та. Дури и денес, младите луѓе простестираат против војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток, но и против екоцидите и фемицидите, климатските промени и социјалните неправди.

Како бестрашни критичари, бунтовници со причина, трагачи по вистината, амбасадори на иднината, вие, младите, отсекогаш сте биле носители на промените.

И сепак, младите се наоѓаа изоставени од одлуките што директно ги засегаа. Ниту една земја, ниту еден регион не може да напредува ако ги занемарува младите. Затоа Обединетите нации ја усвоија Светската програма за акција за млади. Многу е направено, како воспоставувањето на Канцеларијата за млади на Обединетите нации, со помошник-генерален секретар за младински прашања, усвоен е Пактот за иднината и Декларацијата за идните генерации. Но, исто така, многу останува да се направи.

Доаѓам од мала европска држава. Дваесет години чекаме да станеме членка на Европската Унија. Многу од вашите македонски врсници се уморни од тоа чекање за европска иднина и затоа ја напуштаат земјата. Ова важи за поголемиот дел од земјите од Западниот Балкан. За мали држави како нашата, статистиката не е апстракција. За да се сменат работите, ангажманот на младите не смее да биде само симболичен, туку суштинско учество во процесите на одлучување. Од моја страна, основав Совет за млади и именував млади луѓе во претседателски комисии и тела.

Младите генерации имаат право на обновена, ажурирана Повелба, на реформирани и силни Обединети нации што ќе им овозможат да живеат во мир меѓу народите, но и мир со природата.

Затоа Стратегијата за млади на Обединетите нации, Youth2030, е од суштинско значење. Таа обезбедува низ сите столбови на нашата работа – мир и безбедност, човекови права и одржлив развој – младите да не бидат набљудувачи, туку и партнери. Ова подразбира три работи.

Прво, младите мора да бидат дел од реформата на ООН на секое ниво. Тоа значи обезбедување постојани места во националните делегации, создавање формални советодавни тела и давање улоги за одлучување во клучни области како реформата на Советот за безбедност, архитектурата на мироизградба и дигиталното управување.

Второ, да бидат етички компас. Вклученоста на младите не смее да биде симболична. Таа мора да донесе отчетност, осигурувајќи дека се избегнуваат и празни ветувања и цинична неактивност.

Трето, меѓугенерациско партнерство. Реформата мора да ги обедини генерациите. Постарите лидери носат искуство, а помладите визија. Заедно можат да го насочат мултилатерализмот од парализа кон акција.

Вие ја имате привилегијата, но и одговорноста да бидете мост меѓу сегашноста и иднината. Без вашиот омилен збор „зошто?“ нема прогрес. Без вашето сомневање во авторитетите, нема вистина. Движејќи ги општествата, можете да го придвижите светот, бидејќи сте надарени со интелектуална љубопитност и страст, без кои не може да има реформи.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.