Сиљановска Давкова во ОН: Македонија сака ЕУ интеграција без нови уставни услови

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, се обрати пред Обединетите Нации со порака дека европскиот пат на земјата предолго се одложува поради, како што рече, „субјективни националистички причини“, наместо поради реална проценка на исполнетите критериуми.

Таа нагласи дека новиот услов за почеток на пристапните преговори – уставни измени – претставува наметнување кое ја доведува во прашање самата суштина на државниот суверенитет.

„Нашиот Устав предвидува четири овластени предлагачи на измени – претседателот, Владата, најмалку 30 пратеници и над 150 илјади граѓани. Јасно е дека предлагач не може да биде ниту сосед, ниту Европската унија,“ изјави Сиљановска Давкова.

Таа потсети дека со Преспанскиот договор со Грција беа затворени прашањата за историјата, културата и јазикот, а новите услови ги отвораат повторно истите теми.

„Во Договорот за пријателство со Бугарија нема одредби за уставни измени. Ако ЕУ се дефинира себеси како единство на различности, тогаш мора да ги почитува нашите културни и јазични специфики,“ додаде таа.

Претседателката предупреди дека блокирањето на евроинтеграцијата на Западен Балкан носи ризици и за стабилноста на регионот.

„Со затворената политичка врата за земјите од Западниот Балкан и широко отворената врата за влијание на трети геополитички центри на моќ иронично е Унијата да повикува на отпорност кон нив. Зарем треба да се најдеме на дневен ред на Советот за безбедност за ЕУ да го деблокира нашето проширување. Ако сака да биде вистинска геополитичка унија, таа не смее да го остави Балканот во вакуум,“ истакна Сиљановска Давкова.

Во своето обраќање, таа повтори дека Македонија останува цврсто посветена на европскиот идеал и на добрососедските односи, но дека интеграцијата во Унијата мора да се одвива без дополнителни услови што ја доведуваат во прашање националната самобитност и достоинство.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.