Сиљановска-Давкова: Заклетвата не е само патриотски зборови, туку израз на решеност, истрајност и верност!

Заклетвата не е само патриотски зборови, туку израз на решеност, истрајност и верност, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод полагањето заклетва на 29-та класа питомци на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“. Таа истакна дека улогата на новите офицери е клучна за зачувувањето на слободата, безбедноста и стабилноста на државата.

Претседателката нагласи дека питомците стапуваат во служба во време на глобални предизвици, воени конфликти и геополитички тензии, и дека од нив се очекува да ги почитуваат највисоките професионални и морални стандарди. Таа потсети на значењето на Воената академија како основна институција за одбранбено образование, која не само што ги обучува идните македонски офицери, туку промовира и регионална соработка.

– Знам дека доаѓате од различни географски и социјални средини, со различна етничка, верска и јазична припадност. Но, сите овие разлики се ирелевантни во моментот, затоа што во вас гледам внимателно обучени питомци на кои како врховна командантка на Армијата сум горда, им верувам и ги охрабрувам на патот што го избрале, истакна Сиљановска-Давкова, додавајќи дека униформата што ја носат е симбол на знаење, посветеност и храброст.

Таа посебно нагласи дека академијата е отворена и за питомци од НАТО и партнерските држави.

– Регионалната соработка и разбирањето се основа за развој и стабилност. Споделувањето знаења и искуства го зајакнува колективниот капацитет за одбрана и безбедност, а усогласената надворешна и безбедносна политика со ЕУ ја зголемува нашата заштита, нагласи претседателката.

Во говорот, Сиљановска-Давкова се осврна и на ликот и делото на генерал Михајло Апостолски, кој, според неа, треба да биде водилка за идните генерации.

– Ако верувате дека знаењето е моќ, тогаш еден ден и вие ќе образувате нови генерации, порача таа.

На свеченоста заклетва положија 31 питомец и 28 слушатели од Курсот за офицери и штабни службеници. Оваа година во образовниот процес на академијата учествуваат пет питомци од Босна и Херцеговина и двајца од Црна Гора.