Балкан

Силен дожд во Северна Грција, невреме ги поплави Патра и Пелопонез

Силен дожд во Северна Грција, невреме ги поплави Патра и Пелопонез

Невреме ги поплави Патра и Пелопонез. Денеска силен дожд врне и во Северна Грција. Има поплавени делови од патната мрежа.

Подрачјето на градот Патра, каде улиците се под вода, е силно зафатено од дождовите, соопштија локалните власти. Противпожарната служба испумпува вода од приземјето на куќите и продавниците. Ситуацијата е сериозна, но не и катастрофална, смируваат пожарникарите и Цивилната одбрана. Пороен дожд оваа ноќ го зафати и Пелопонез.

Според Националната опсерваторија, дожд, невреме и град денеска до крајот на денот ќе ја зафатат Северна Грција и островите во Јонското Море.

Од сообраќајната полиција известуваат дека сообраќајот е запрен на поплавените делови од патната мрежа, а автомобилите се пренасочуваат на обиколни правци.

Цивилната одбрана препорачува избегнување на патувања за време на екстремни временски настани.

Се очекува од утре врнежите да престанат над целата земја.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни