Претседателката Гордана Силјановска-Давкова по повод 100-годишнината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“ повика на поголема поддршка и промоција на рекреативното планинарење, како и на негово интегрирање во образовниот систем.
Таа истакна дека голем број држави веќе го имаат вклучено планинарењето во наставните програми по Физичко образование и го практикуваат како дел од филозофијата на здравиот живот, па според неа, време е и Македонија да го следи тој пример.
„Да им помогнеме на Министерството за спорт и Министерството за образование во промоцијата и омасовувањето на рекреативното планинарење. Да му посветиме поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени и да вклучиме искачување на планина“, порача Силјановска.
Таа нагласи дека е неопходно да се вложува и во инфраструктурата. „Да изградиме соодветни планински домови, куќички, видиковци и поголеми сместувачки капацитети. Можеме да почнеме со реновирање на постојните домови, а потоа и со изградба на нови. Иако се работи за големи инвестиции, придобивките за граѓаните се значајни“, рече претседателката, додавајќи дека за инспирација не се потребни далечни примери, туку доволно е да се погледнат добрите практики од соседните земји.
Во своето обраќање Силјановска истакна и потреба од создавање култура на здрав живот меѓу младите.
„Да ги мотивираме младите да се насочат кон физичка активност и спорт на планина, наместо кон коли и алкохол. Да го омасовиме рекреативното планинарење“, порача таа.