Македонија

Силните потреси во Венецуела предупредување и за Македонија: Подготвеноста спасува животи

Силните потреси во Венецуела предупредување и за Македонија: Подготвеноста спасува животи

Силните земјотреси што на 24 јуни ја погодија Венецуела претставуваат редок и значаен сеизмолошки феномен, но и потсетник дека земјотресите остануваат една од најголемите природни опасности, информира Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет.

Според сеизмолозите, во период од само 38 секунди биле регистрирани два силни земјотреса со магнитуди од 7,2 и 7,5 степени, познати како „земјотреси близнаци“. Поради краткиот временски интервал, населението најверојатно ги почувствувало како еден долг и исклучително силен земјотрес.

Првичните анализи покажуваат дека двата земјотреса започнале во истото подрачје, а се поврзуваат со активирање на два соседни сегмента од сложен раседен систем. Раседната површина што се активирала била долга околу 160 до 180 километри, а процесот на ослободување на сеизмичката енергија траел приближно една минута.

Научните истражувања, спроведени со анализа на последователните земјотреси, сателитски радарски снимки (InSAR), современи техники за следење на ширењето на раседот и макросеизмички податоци од населението, покажуваат дека распукувањето на раседот се ширело претежно кон исток. Ова, според експертите, објаснува зошто најсилното тресење било почувствувано во густо населените крајбрежни области.

Од Сеизмолошката опсерваторија нагласуваат дека овој случај покажува како големите земјотреси не секогаш се ограничени на еден расед, туку можат каскадно да активираат повеќе меѓусебно поврзани раседи, со што се зголемува времетраењето и обемот на потресот.

Иако Македонија не се наоѓа во истиот тектонски појас како Венецуела, таа е дел од Балканскиот сеизмички регион и има долга историја на силни земјотреси. Од Опсерваторијата потсетуваат дека земјотресите не можат да се предвидат, но нивните последици можат значително да се намалат со почитување на сеизмичките стандарди при градба, добра подготвеност и правилно однесување на населението.

Воедно, институцијата ги повикува граѓаните да ги обезбедат своите домови, да имаат подготвен пакет за итни случаи и да знаат како правилно да постапат пред, за време и по земјотрес. По потрес, се препорачува да се очекуваат последователни земјотреси, да се следат информациите од надлежните институции и да не се шират непроверени информации.

„Најдобрата заштита не е предвидувањето на земјотресот, туку навремената подготвеност на институциите, квалитетната сеизмички отпорна градба и информираноста на населението“, порачуваат од Сеизмолошката опсерваторија.

Како дел од информацијата, објавени се и записи од регистрираните земјотреси, карта на активираната раседна дислокација и карта на последователната сеизмичка активност.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни