„Михаил е на обвинителна клупа само затоа што е син на првообвинетиот. Тој во пожарот ја загуби својата девојка со која беше 10 години, го загуби својот најдобар пријател и самиот се здоби со изгореници од трет степен.“
Адвокатката Ивана Коцевска, која го брани третообвинетиот Михаил Јованов (син на Дејан Јованов – Деко), изнесе шокантни детали за неговата психичка состојба. Таа откри дека трагедијата кај него предизвикала суицидни мисли, поради што морал да работи со психолог.
„Психолошки нарушувања има кај Михаил, не се почитува презумцијата на невиност. Тој работеше со психолог за да ги отфрли суицидните мисли,“ рече Коцевска, критикувајќи ги медиумите и институциите за хајката против него.
Правно, одбраната тврди дека Михаил е целосно невин и дека нема докази за негова инволвираност во бизнисот. „Не постои доказ дека тој учествувал на било каков начин во работата на правното лице. Михаил никогаш формално-правно не фигурирал ниту како сопственик, ниту како управител, ниту бил овластен да презема активности,“ истакна одбраната, нагласувајќи дека во ваков случај без докази, тие се принудени да докажуваат невиност наместо обвинителството да докажува вина.
Иако одбраната тврди дека тој немал никаква формална функција, според Обвинителниот акт, Михаил Јованов се товари дека дејствувал како „фактички управител“. Обвинителството тврди дека во периодот од 29.05.2020 до 16.03.2025 година, тој „фактички и реално преземал дејствија и активности во работењето на правното лице“. Тој се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“ , бидејќи според обвинителот, заедно со татко му и другите управители, делувал во име и за сметка на фирмите кои стопанисувале со „Пулс“.
