Ски сезоната на Попова Шапка започна денеска. Традиционално, на првиот ден, скијањето е бесплатно, но ски лифтот со три седишта не функционира. Поради тоа туристите кои одлучија викендот да го поминат на зимскиот центар, мораа пешки да се качуваат на врвот. Од ЕЛЕМ турс во текот на вчерашниот ден преку соопштение известија дека Ски центарот е целосно подготвен и опремен за непрекинато функционирање и безбеден терен за скијање, но реалноста на првиот ден од новата сезона е сосема поинаква. Туристите разочарани.
„Прв пат, и верувам последен. Се гледа, нема услови, ниту лифтот не работи, но и ако работат еден два, пет саати треба да чекаш за да се искачиш до врвот“, вели еден од туристите.
„Се враќаме бидејќи нема услови, разочарани сме. Дојдовме од Косово за скијање. Ниту еден лифт не работи. Направивме трошок, плативме за скии, се измалтретиравме, а како што се чини, за ништо“, додава друг турист.
„Нема добра жичара. Еднаш работи еднаш не. Од Косово дојдовме“, вели турист од Косово.
Од иницијативата “Да ја спасиме Попова Шапка“ апелираат до владата и одговорните да преземат мерки, во спротивно рекоа дека ќе го блокираат патот што води до таму.
„Бараме се да функционира и да биде во ред. За ова, одговорност освен управата треба да сноси и Агенцијата за развој на туризмот, која е надлежна за овој туристички центар, исто така и ЕЛЕМ, но и Владата на Македонија. Предупредување до владата и сите други органи, од следната недела дека ќе ги блокираме главните патишта кои водат до Попова Шапка“, изјави Хамди Сулејмани – „Да ја спасиме Попова Шапка“.
Но, од ЕЛЕМ турс велат дека од утре состојбата ќе се нормализира и се ќе биде во ред. Инаку сезонскиот билет за жичарата на Попова Шапка изнесува 9.500 денари, а дневниот 900.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ
