Одделот за внатрешна контрола поднесе кривична пријава против Н.А., кој ја извршува функцијата главен пилот во Одделот за воздухопловни единици, поради сериозни сомнежи за фалсификување документи.
Според официјалниот одговор од МВР доставен до 4news.mk, пилотот се товари за кривично дело „Фалсификување исправа“, кое е казниво по член 378 став 3 од Кривичниот законик.
Случајот ги опфаќа следните незаконски дејствија на пријавениот:
- Лажно овластување: Пријавениот самоиницијативно и незаконски впишал дека поседува овластување за хеликоптери од типот TRI BELL 206 во својата официјална дозвола.
- Употреба на фалсификатот: Ваквиот лажен документ потоа свесно го употребил како да е вистинит во управни постапки пред надлежните институции, како во земјава, така и во странство.
Полициски инспектор и главен пилот во Министерството за внатрешни работи заработи кривична пријава поради сомнение дека со години управувал полициски хеликоптер користејќи фалсификувана исправа. Скандалот добива на тежина бидејќи, според информациите, во тој период пилотот превезувал високи политичари и министри, објави Скопје инфо.
Злоупотребите биле направени со цел пилотот незаконски да се стекне со повисоки овластувања кои реално не ги поседувал.
Пријавениот, кој во тој период (од 27 февруари до 10 април 2023 година) дејствувал во својство на началник на Одделот за воздухопловни единици, незаконски впишал во својата дозвола дека поседува овластување за инструктор на хеликоптери од типот TRI BELL 206. Во документот било наведено дека овластувањето е наводно стекнато на 26 февруари 2020 година.
Употреба на лажниот документ во земјава и во странство
Ваквата фалсификувана дозвола пилотот ја користел како вистинита пред повеќе надлежни институции:
- Во Словенија: Ја приложил пред Управата за полициски специјалности – Воздухопловна полициска единица во Брник.
- Во Македонија: Документот бил употребен во две одделни управни постапки пред Агенцијата за цивилно воздухопловство, со цел да му се впише овластувањето во неговата цивилна воздухопловна дозвола.
Целиот случај и прибраните докази сега се предадени во рацете на надлежното Јавно обвинителство, кое треба да одлучи за понатамошниот тек на кривичната постапка.
