Народната банка се соочува со сериозни сомнежи за легитимноста на своите одлуки, откако беше обелоденето дека на две вицегувернерки им истекол мандатот уште во октомври минатата година. И покрај законските рокови, гувернерот Трајко Славески дури по неколку месеци доцнење доставил предлози за нивни заменици до Собранието.
Пробиени рокови и игнориран оглас
Според информациите, вицегувернерките Емилија Нацевска и Ана Митреска останале да ја извршуваат функцијата иако мандатот им бил истечен.
Иако Законот за НБРМ остава простор местата да се пополнат до декември, процедурите неоправдано се одолговлекувале.
- Јавниот оглас за избор на нови вицегувернери бил објавен навреме, на почетокот на јули 2025 година, веднаш по стапувањето на функција на гувернерот Славески.
- Останува нејасно зошто Славески не го направил изборот во предвидениот рок од 45 дена по огласот.
- Предлозите до Собранието биле испратени со речиси три месеци доцнење, и тоа дури откако медиумите испратиле официјален допис со прашања за случајот.
Правни експерти: Одлуките може да паднат на суд
Оваа ситуација отвора сериозна дилема: дали највисокото тело на Централната банка веќе три месеци носи нелегални одлуки за монетарната политика?
Адвокатот Петре Шилегов предупредува дека Законот е дециден и дека пробивањето на овие рокови носи ризик од потенцијални кривични дела и носење нелегитимни одлуки кои лесно можат да бидат оспорени пред институциите.
„Не ја знам содржината на одлуките што Советот во меѓувреме ги носел периодов после два месеца откако е завршен мандатот, а може да се соочи со тоа дека одлуките на Советот некој може да ги спори и тие дефинитивно имаат сериозен основ да паднат на суд по основ на тоа што се донесени од страна на нелегитимен орган. Значи, не можете вие без мандат да носите одлука којашто припаѓа согласно надлежностите во мандат“, изјави Шилегов.
