Скокна продажбата на очила за сонце што ги носи францускиот претседател

Од моментот кога францускиот претседател Емануел Макрон се појави во јавност со очила за сонце, продажбата на тие очила драстично порасна, па дури се најдоа и на списокот на онлајн продавницата на Елисејската палата, пренесуваат француските медиуми.

„Новитет. Очила за сонце – Pacific S01-EliseeX – Куќа Анри Жилјен. Сини стакла со сребрен рам – цена 659 евра“, пренесуваат медиумите од списокот на сајтот на Елисејската палата.

Макрон, кој ги носеше овие очила на неодамнешниот Меѓународен економски форум во Давос, изгледаше како да прави гест со кој се спротивставува на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп.

Францускиот претседател подоцна се појавуваше и во својата земја со истите очила, што предизвика различни шпекулации, но и шеги на социјалните мрежи дека Макрон сака да изгледа како актерот Том Круз во филмот „Top Gun“. Сепак, подоцна беше наведено дека Макрон има бенигна очна инфекција и дека очилата му биле препорачани од медицинска гледна точка.

Сопственикот на брендот Жилјен изјави дека бил изненаден од скокот на продажбата на овие очила, а интересот за нив започнал веднаш по првата појава на Макрон со нив во Давос.

Повеќе од 500 парчиња се продадени онлајн, додека компанијата претходно годишно произведувала само 1.000 парчиња, вклучувајќи 200 модели Pacific S01, во своите дискретни работилници на југот од Франција.

Макрон нарачал два пара од овие очила во 2024 година – еден за себе и еден како „подарок за еден министер за време на самитот G20“, наведуваат медиумите.

Моделот, делумно изработен со златен конец, бара 279 операции, речиси четири месеци работа и значајно стручнo знаење.