Додека системот „Безбеден град“ ги брои последните денови од тест-периодот пред официјалниот старт на казнувањето на 1 февруари, граѓаните на социјалните мрежи веќе споделуваат апсурдни ситуации. Еден скопјанец се пожали дека добил опомена („честитка“) затоа што направил хуман потег – навлегол во раскрсница на црвено за да пропушти возило на Брза помош.
Инцидентот се случил кај Транспортниот центар во Скопје. Според сведоштвото на возачот, камерите регистрирале прекршок иако тој и неколку други возила биле принудени да навлезат во крстосницата за да ослободат простор за итното возило.
„А всушност неколку коли навлеговме во раскрсницата кај Транспортен центар, за да помине Брза помош…“, пишува револтираниот граѓанин.
Страв од бирократски лавиринти по 1 февруари
Она што најмногу го загрижува возачот, а и пошироката јавност, е што ќе се случува од четврток (1 февруари), кога системот почнува автоматски да казнува. Граѓанинот со олеснување коментира дека среќа што се уште не е тој датум, инаку ќе морало да губи денови низ институциите за да докаже дека не е виновен.
„Да беше 01.02. ќе изгубев неколку дена докажувајќи се по институции дека не сум направил прекршок…“, стои во реакцијата.
Ова отвора клучни прашања: Дали софтверот на „Безбеден град“ има алгоритам да препознае приоритетни возила (полиција, брза помош, пожарна) и автоматски да ги поништи прекршоците на возачите кои им отстапуваат пат, или граѓаните ќе мораат секој ваков хуман гест да го докажуваат преку жалби и судови?
