Македонија

Скопје ја презема истрагата за летот на „Рајанер“, патник за малку ќе биде вовлечен во бездна

Скопје ја презема истрагата за летот на „Рајанер“, патник за малку ќе биде вовлечен во бездна

Македонските воздухопловни власти, а не грчките, ќе ја раководат меѓународната истрага за застрашувачкиот инцидент на летот на авиокомпанијата „Рајанер“ (извршен од „Малта ер“) на релација Солун – Меминген. Иако оштетениот воздухоплов принудно се вратил во Грција, каде што се наоѓа и во моментов, надлежноста за расчистување на случајот паѓа врз Македонија бидејќи драмата се одвивала во домашниот воздушен простор.

ИКАО протоколи и поддршка од САД

Информацијата првично ја пласираше српскиот специјализиран авио-портал „Аеро.рс“, дел од медиумската мрежа на „Телеграф.рс“. Како потврда за ваквиот правен епилог се наведува официјалната објава на американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (НТСБ) – независна федерална агенција на САД за транспортни несреќи.

Од НТСБ преку социјалната мрежа „Х“ потврдија дека веќе назначиле свој акредитиран претставник кој ќе ѝ помогне на Република Северна Македонија во водењето на процесот. Според Анекс 13 од протоколите на Меѓународната организација за цивилна авијација (ИКАО), сите официјални податоци и информации за текот на оваа меѓународна истрага ќе бидат дистрибуирани исклучиво преку македонските институции.

Кој сè ќе членува во меѓународниот истражен тим?

Согласно глобалните воздухопловни правила, Македонија нема да го води процесот сама. Во расчистувањето на техничките причини ќе учествува широк експертски тим составен од:

  • Северна Македонија – како земја над чија територија се случил критичниот дефект;
  • Грција – како држава каде авионот е приземјен и каде ќе се врши физичкиот преглед на трупот и снимачите на летот (црните кутии);
  • Малта – како матична земја каде што е регистриран воздухопловот и од каде доаѓа операторот („Малта Ер“);
  • САД – како држава каде што е проектиран и склопен авионот од типот „Боинг 737“;
  • Корпорацијата „Боинг“ – која ќе обезбеди технички советници и фабричка стручна помош;
  • „ЦФМ Интернационал“ – во својство на компанија-производител на авионските мотори.

Филмско спасување на патник во кабинскиот простор

Додека експертите ги подготвуваат документите, медиумите во регионот пренесуваат противречни информации за самиот дефект, но и шокантни сведоштва од преплашените патници.

Грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на извори од солунскиот аеродром, објави дека на авионот му се откачил дел од моторот при спуштањето и повредил едно лице. Спротивно на ова, од „Рајанер“ излегоа со соопштение во кое тврдат дека уште за време на летот на голема висина попуштил и целосно се одлепил еден од прозорците во кабината.

На социјалните мрежи веќе кружат вознемирувачки фотографии од оштетеното крило и зјајната дупка на трупот од авионот. Најстрашниот момент го преживеал српски државјанин кој седел на седиштето веднаш до дефектниот прозорец. Во моментот на експлозивната декомпресија, силниот воздушен притисок делумно го вовлекол неговото тело кон надвор. Неговиот живот бил спасен во последна секунда благодарение на тоа што бил цврсто врзан со сигурносниот појас, но и поради присебноста на неговата сопруга и уште двајца сопатници кои физички го држеле сè додека пилотите не го спуштиле авионот.

Повредениот патник во моментов е згрижен во болница во Солун, а на платформата „Х“ веќе се појавија и видеоматеријали кои ја прикажуваат состојбата во кабината по преживеаниот хорор.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни