Скопје ќе добие нов Луна парк до втората половина на 2027 година

Скопје наскоро ќе добие нов, модерен Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на вчерашната прес-конференција. Според него, новата атракција ќе ја обнови зелената инфраструктура и ќе обезбеди современ простор за забава за децата и семејствата.

„Со компаниите Флораком и Луна се враќа Луна паркот, кој ќе биде завршен во втората половина на 2027 година. После повеќе од една деценија лажни ветувања, конечно ќе им обезбедиме на децата современ простор за игра и создавање спомени“, истакна Ѓорѓиевски.

Како што е најавено, Луна паркот ќе биде ултра модерен простор со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и ново ниво на урбана забава. Особено внимание ќе се посвети на пристапноста – паркот ќе биде прилагоден за лица со попреченост и ќе има најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош.

На површина од 84.000 квадратни метри ќе се создаде место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, со зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена.

Посетителите ќе можат да уживаат во панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и многу други реквизити кои ќе создадат уникатна атмосфера и ќе го збогатат туристичкиот имиџ на Скопје.