Скопје ќе добие прв ресурсен центар за образование и станбено домување за лица со попреченост

За првпат во историјата на Македонија, Град Скопје започнува процес за создавање на целосно прилагоден ресурсен центар за лица со попреченост, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Центарот ќе биде лоциран во Драчево и ќе ги обедини услугите за станбено домување и образование и рехабилитација за лица над 16 години.

„Нашата цел е да се реконструираат постоечките објекти, да се изградат нови и современи простори, целосно прилагодени за потребите на корисниците, вклучувајќи и нови игралишта“, истакна Ѓорѓиевски.

Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Општина Кисела Вода и здруженија и фондации кои работат со лица со попреченост.

„Грижата за лицата со попреченост не смее да биде само декларативна – таа мора да се гледа, да се чувствува и да значи сигурност за нив и нивните семејства“, нагласи градоначалникот.

Денеска на терен присуствуваа министерката за образование Весна Јаневска, градоначалничката на Кисела Вода Бети Стаменкоска-Трајкоска и претставници на здруженија, кои ја поддржаа иницијативата и учествуваа во увидот на локацијата каде што проектот ќе се реализира.

Со овој чекор, Град Скопје ја потврдува својата заложба дека лицата со попреченост се приоритет и дека нивното достоинство и квалитетот на живот се од најголемо значење.