Македонија

Скопје повторно под чад: Ветерот го носи димот од пожарот кај Грачани

Скопје повторно под чад: Ветерот го носи димот од пожарот кај Грачани

Жителите на Скопје повторно можат да почувствуваат мирис на чад, откако ветерот над Скопска Црна Гора го насочи чадот од активниот пожар кај Грачани кон источните делови на градот и кон Општина Илинден.

Огнената стихија и натаму е активна и се протега и на косовска и на македонска територија. Пожарот од косовска страна пред неколку дена се прошири на македонска територија кај селото Грачани во Општина Ѓорче Петров.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека пожарот кај Грачани во моментов е меѓу приоритетните жаришта за кои се ангажирани екипи на терен.

Во текот на денот во гаснењето се вклучени пожарникари и тимови на ДЗС, а обезбедена е и воздушна поддршка. Поради тешко пристапниот терен, интервенцијата на одредени делови од огнената линија е отежната.

Според надлежните, населените места Грачани и Никиштане засега не се загрозени од пожарот, но состојбата на теренот продолжува внимателно да се следи.

Во меѓувреме, чадот повторно стигнува до делови од Скопје поради правецот на ветерот. Ангелов претходно предупреди дека доколку продолжи ветерот во насока кон градот, чадот може повторно да се почувствува и во текот на вечерта.

Пожарот кај Грачани е само едно од активните жаришта во земјава. Според последните податоци на Центарот за управување со кризи, до 18 часот денеска биле регистрирани 23 пожари на отворен простор, од кои осум биле активни.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни