Македонија

Скопје се сеќава – 61 година од катастрофалниот земјотрес

Скопје се сеќава – 61 година од катастрофалниот земјотрес

Денес во Скопје се одбележува 61. годишнината од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени.

Земјотресот во Скопје се случи во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата.

По трагедијата на Скопје, Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат достава на храна, а Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарни организации од многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Обединетите нации презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град.

На 23 септември 1963 година, 35 земји побараа Генералното собрание на дневен ред да стави точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје по што на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.

На 14 октомври, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската Влада при реконструкцијата на Скопје. Во дебатата, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.

На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил разурнат од земјотресот. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 – 11 степени. Катастрофалниот земјотрес го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.

Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.

Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред 61 година, на 26 јули 1963 година, кога Скопје беше погодено од земјотрес со јачина од девет степени по Меркалиевата скала или шест според Рихтеровата со епицентар на плоштадот „Македонија“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни