Грејната сезона во Скопје започна официјално денеска, но според правилата, испораката на топлинска енергија може да започне и порано, односно од 1 октомври, ако прогнозата за средната надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12˚С, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи. До 15 октомври, на веб-страницата на „ЕСМ Снабдување“ секојдневно се објавува дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за следниот ден.
Ладни станови
На почетокот на месецот, имаше неколку денови со температури под 12˚С и се пушти греењето, но во многу објекти радијаторите останаа ладни. Жителите на повеќе скопски населби се жалат дека во нивните станови е студено, бидејќи парното не работи, а внатрешната температура е под 20˚С.
– Секој месец плаќам за парно, а не ја добивам услугата за која давав пари. Станот ми е студен, особено наутро и навечер, па ја вклучувам климата за да се затопли. А што да прават оние што немаат клима или греалка? – вели една жителка на Аеродром.
Слично се жалат и воспитувачките во градинките, кои велат дека на децата им е студено и бараат од родителите да ги донесат потопло облечени.
– Што се виновни овие деца што мрзнат во градинките? – изјави една воспитувачка.
И во училиштата состојбата е слична. Дел од училниците и занималните се загреваат со инвертер клими, бидејќи парното не работи, што создава дополнителен трошок.
Приговори
Според правилата за снабдување со топлинска енергија, ако средната надворешна температура за следниот ден е ≤12˚С, снабдувачот е должен да обезбеди температура од 21˚С во грејните простории од 6:00 до 22:00 часот. Потрошувачите можат да поднесат приговор доколку услугата не е соодветна.
Според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за 2024 година, биле поднесени 611 приговори: 468 (76,6%) од домаќинства, 13 (2,1%) од образовни установи и 130 (21,3%) од други потрошувачи. Во споредба со 2023 година, приговорите се зголемени за 49,4%.
42,7% од приговорите се за недоставени или неправилни фактури, а 19,8% се однесуваат на квалитет на греење.
Авансни сметки
Од АД ЕСМ информираат дека заклучно со вчера, 127 објекти немале услови за испорака на топлинска енергија поради дефекти, а бројот се намалува. Потрошувачите што плаќаат на 12 месечни рати добиваат авансни сметки, кои содржат фиксниот дел (според ангажираната топлинска моќност) и варијабилен дел (според потрошената енергија).
При порамнување, доколку е платено повеќе отколку што е потрошено, разликата им се враќа или се одбива од следната сметка. Ако е потрошено повеќе отколку што е пресметано, разликата се распределува на три рати.
Потрошувачката се регистрира на мерилото во топлинската станица и од неа се изготвуваат израмнителните сметки. Периодите кога нема греење (на пример, при високи надворешни температури или дефекти) не се бројат во мерилото.
Минатата година, пред грејната сезона, 96 објекти немале услови за испорака поради дефекти во внатрешната инсталација, недостапен пристап или недостиг на струја.
– Апелираме до потрошувачите и заедниците на сопственици да ги отстранат дефектите, да обезбедат пристап до топлинските станици и континуирано напојување со струја, како и да ги платат сметките за електрична енергија, за непречено снабдување со топлина – велат од ЕСМ.
За пријави, дефекти или известување за завршени интервенции, потрошувачите можат да се обратат до „ЕСМ Снабдување“ на телефон 02 3076 200 и 075 400 100, или до службите на „ЕСМ Енергетика“ на 02 3104 816 и 02 3104 872.