Меѓународниот аеродром Скопје бележи значителен раст и останува лидер во регионот, покажуваат најновите податоци објавени од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој на својот профил на Facebook информира дека скопскиот аеродром има раст од 32 проценти во однос на истиот период минатата година, што е потврдено и од специјализираниот авио-портал EX-YU Aviation News.
Според објавата, и покрај намалувањето од околу 6 илјади седишта од вкупно планираните 390 илјади – како последица на случувањата на Блискиот Исток – аеродромот и натаму останува високо позициониран во регионот.
Во првите месеци од годинава, македонските аеродроми бележат раст од 30 проценти по број на патници и околу 20 проценти по број на операции, што, според Николоски, е потврда за успешноста на владините политики во авиосообраќајот.
Дополнително, воведени се нови авиолинии од Скопје кон Неапол и Будимпешта, како и од Охрид кон Милано и Братислава. Во текот на јули, од Охрид ќе стартуваат и линии кон Катовице и Вроцлав, додека од Скопје ќе се лета кон Палермо и Алгеро.
Со тоа, за речиси две години се воспоставени вкупно 24 нови авиолинии кон европски дестинации, што претставува рекорден број, се наведува во објавата.
Николоски посочува дека развојот на авиосообраќајот останува приоритет, при што се реализира и проект за реконструкција, надградба и проширување на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, со цел зголемување на капацитетите.
Очекувањата се дека годинава бројот на патници ќе надмине 3,5 милиони, а веќе следната година да достигне и до 4 милиони.
Во однос на состојбата со горивата, министерот уверува дека ситуацијата е стабилна и дека авиосообраќајот во земјава се одвива без прекини.
