Телото на 29-годишната манекенка Памела Џенини, која во октомври минатата година во Милано беше убиена од нејзиниот поранешен партнер Џанлука Сонцин, е осквернавено на гробиштата во Строци, место во провинцијата Бергамо каде што е родена и порасната. Како што пренесуваат италијанските медиуми, телото било најдено без глава.
Случајот бил откриен во понеделникот, кога ковчегот требало да биде преместен од гробницата во семејната капела. Работниците забележале дека нешто не е во ред – завртките биле олабавени, а на рабовите имало свеж силикон. Кога го отвориле ковчегот, го затекнале телото обезглавено.
Обвинителството во Бергамо отвори истрага за сквернавење и кражба на делови од тело, за што според италијанскиот закон е предвидена казна затвор од две до седум години, а истата е поголема доколку делото е извршено на гробишта.
Убиецот се обидел да се самоубие
Памела Џенини беше убиена со нож во својот стан во миланската четврт Горла. Тој ден, според истражителите, таа дефинитивно ја прекинала врската со Сонцин, 23 години постар маж кој претходно бил апсен за измами со луксузни автомобили и имал пријави за насилство.
Врската започнала во март 2024 година, а Сонцин набрзо покажал насилно и посесивно однесување. По убиството, тој се обидел да се самоубие, но преживеал. Сега се товари за убиство со умисла, суровост, насилство во партнерски однос и демнење.
Соседите на 14 октомври повикале полиција поради крици од станот. „Ги слушнав нејзините крици, беа навистина језиви. Бараше помош. Полицијата стигна речиси веднаш и ја скрши вратата“, изјавила една сосетка. Памела во обид да побегне му се јавила на нејзиното поранешно момче, кое ја алармирало полицијата, но кога влегле во станот, таа веќе била мртва.
Profanta la tomba di Pamela Genini: sono in corso le indagini, tutti gli aggiornamenti a #DentrolaNotizia pic.twitter.com/AnxLUBjAkr
— Dentro la Notizia (@dentronotiziatv) March 27, 2026
Низа насилни инциденти и закани
На убиството му претходела серија насилни инциденти. Во септември 2024 година, Сонцин ѝ го скршил прстот на раката. Иако Памела тогаш побарала лекарска помош, не поднела пријава. Поради тоа, надлежните служби не активирале мерки за заштита.
„Откако ја започна таа врска, Памела почна да се оддалечува од сите. Живееше во ноќен кошмар. Ми велеше дека е со психопат. Тој долго планираше што ќе направи, се закануваше дека ќе ја убие неа, нејзината мајка, целото семејство и бремената сестра“, истакна нејзиниот поранешен дечко Франческо Долци.
Тој додаде дека насилството ескалирало со месеци – од обид да ја фрли од тераса, до удари и постојано следење. „Таа вечер ми се јави и викаше: ‘Помош, тој е луд, направил копија од клучевите, се плашам’. Полицијата стигна брзо, но не успеа да го спречи ова злосторство“, заклучил Долци.