„СЛАВА НА БОГА ВО ВИСИНИТЕ“: Православниот свет го дочекува Рождеството Христово – Божик

Православните христијани во Македонија и ширум светот го празнуваат најрадосниот христијански празник – Рождеството Христово. Кога се исполни времето, Бог го испрати својот Единороден Син за да го спаси човечкиот род, настан кој ја промени историјата на човештвото и донесе надеж за вечен живот.

Според Светото Писмо, настанот се случил во деновите кога кесарот Август издал заповед да се направи попис на целото население во Римското царство.

Се вчитува...

Витлеемската пештера – дом за Царот над царевите

Праведниот Јосиф и Пресветата Дева Марија, бидејќи биле од царското колено Давидово, морале да патуваат од Назарет во Витлеем за да се запишат. Но, во малечкиот град имало премногу народ и за нив немало место во ниедна куќа или ановите. Смирението на Спасителот се покажало уште во првиот миг – Тој не се родил во раскошни палати, туку во овчарска пештера.

Раѓањето на Спасителот

Во таа пештера, во студената ноќ, Пресветата Дева го родила Спасителот на светот, Господ Исус Христос.

  • Го родила без болка, како што и го зачнала без грев, од Светиот Дух.
  • Самата го повила во ленени пелени.
  • Му се поклонила како на Бог и го положила во јаслите на добитокот.

Пастирите и Мудреците први се поклонија

Првите весници за доаѓањето на Месијата не биле земните владетели, туку обичните пастири. Упатени од Божјиот ангел, тие дошле од полето и му се поклониле, додека небесните сили пееле:

„Слава на Бога во висините, и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“

По нив, водени од чудесната Витлеемска ѕвезда, пристигнале и тројцата Мудреци од Истокот. Тие на Младенецот му дарувале симболични дарови:

  1. Злато – како на Цар;
  2. Ливан (темјан) – како на Бог;
  3. Смирна – како на човек кој ќе пострада за спасението на светот.

Исполнување на пророштвата

Со овој чин се исполнија древните пророштва – Спасителот се роди од Дева, во градот Витлеем, во време кога на престолот во Ерусалим немаше цар од Јудиното племе, туку владееше туѓинецот Ирод.

Денеска на 7-ми јануари, верниците ќе ги исполнат храмовите за да го прослават овој настан со традиционалниот поздрав: ХРИСТОС СЕ РОДИ! – НАВИСТИНА СЕ РОДИ!