Славески: Инфлацијата во декември ќе беше 0% ако не беа авионските билети

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, смирува: инфлацијата е стабилна, а статистичкиот раст во декември 2025 година е „увезен“ преку еден единствен сектор – авиопревозот.

Во својата анализа објавена на платформата „Х“, Славески детално го разглоби месечниот раст на инфлацијата од 0,4%, посочувајќи дека тој не е резултат на општи поскапувања, туку на специфичен скок во транспортот.

Се вчитува...

Авионските карти „летнаа“ нагоре

Според гувернерот, категоријата „Транспорт“ бележи раст од 5,8%. Но, интересно е што цените на горивата и јавниот превоз останале непроменети.

„Клучен фактор е енормниот раст на цените на авионскиот превоз, кои во декември минатата година се зголемиле за 42 проценти“, посочува Славески.

Без авионите, инфлација нема

Гувернерот прави хипотетичка пресметка за да ја илустрира стабилноста на домашните цени. Доколку се изостави авионскиот превоз (кој се смета за странска компонента), месечната инфлација во декември би изнесувала рамно 0,0%. Ова, според него, е јасен показател дека ценовните притисоци се стабилизирани и дека постои основа 2025 година да заврши со инфлација под 3%.

Што велат официјалните бројки за цела 2025?

Државниот завод за статистика (ДЗС) ги сумираше бројките за целата година:

  • Вкупна инфлација (2025 наспроти 2024): 4,1%
  • Раст на цените на мало: 3,6%

Најголемите поскапувања на годишно ниво не се во транспортот, туку во секторите:

  1. Ресторани и хотели;
  2. Рекреација и култура;
  3. Храна и безалкохолни пијалаци.