Ако патувате кон Истанбул или друг турски аеродром, запомнете: по слетувањето останете на своето седиште додека авионот целосно не запре. Во спротивно, ризикувате да добиете парична казна. Турските власти воведоа построги правила за патниците кои стануваат од седиштата пред авионот да стигне до крајната точка на пистата, поради сè почестите инциденти во авиони.
Во обид да се зголеми безбедноста и да се олесни работата на кабинскиот персонал, Турција најави дека отсега ќе се санкционираат сите патници кои ги игнорираат упатствата и стануваат уште додека леталото се движи. „Ги преземаме сите мерки на претпазливост за да ја осигуриме безбедноста на патниците, а потоа некој едноставно ќе стане и ќе почне да оди низ авионот, понекогаш и до излезот“, изјави Ахмет Болат, претседател на националниот авиопревозник „Turkish Airlines“.
Тој објасни дека во минатото авиокомпаниите се потпирале на разбирањето и дисциплината на патниците, но сега е јасно дека тоа не е доволно. „Сега ова е регулирано со закон. Тоа значи дека кабинскиот персонал има законска основа да ги предупреди и доколку е потребно да ги пријави патниците кои не се придржуваат кон правилата,“ додаде Болат.
Претставници од воздухопловната индустрија посочуваат дека станувањето од седиштето пред време не е само непријатно за екипажот, туку претставува и сериозен ризик за безбедноста. Во случај на ненадејно сопирање или турбуленција по слетувањето, патниците кои стојат можат лесно да се повредат себеси или другите.
Новите мерки доаѓаат во време кога авиокомпаниите, во обид да зголемат профитабилност, се обидуваат да вметнат што повеќе седишта во авионот, што уште повеќе го засилува чувството на клаустрофобија кај патниците. Тоа, велат експертите, може да биде една од причините за вознемиреност и нетрпеливост веднаш по слетувањето.
Сепак, турските власти се децидни: дисциплината во авионот е прашање на безбедност и секој што ја прекршува ќе се соочи со последици. Казните за ова прекршување ќе зависат од сериозноста на ситуацијата и може да бидат изречени веднаш по слетувањето.
Со оглед на тоа дека Истанбул е еден од најпрометните аеродроми во светот, новите правила би можеле да влијаат на голем број патници. Затоа, следниот пат кога слетувате во Турција, запомнете – појасот останува закопчан, а вие останувате седнати, сè додека кабинскиот персонал не ви каже дека е безбедно да станете.