Слободата на медиумите: Меѓу партискиот ПР, странските влијанија и „копи-пејст“ новинарството

Ако слободата на медиумите е лакмусовиот тест за една демократија, тогаш најновите податоци за 2026 година ни покажуваат дека македонскиот демократски организам се бори со хронично воспаление. Падот на 45-то место на индексот на „Репортери без граници“ е дијагноза за амбиент во кој новинарството, наместо да биде коректив на власта, сè почесто станува заложник на економскиот притисок.

Кога зборуваме за слободата на медиумите денес, најчесто мислиме на отсуството на директна цензура. Но, вистинската цензура во 21 век не изгледа како забрана за зборување. Таа изгледа како поплава од неважни информации, скриени сопственички структури и целосна партизација на јавниот простор. Слободата на медиумите не е само правото да се каже вистината, туку и капацитетот таа вистина да допре до граѓаните, без да биде извалкана од туѓи агенди.

Македонскиот медиумски пазар е мал, фрагментиран и сиромашен. Во такви услови, „независноста“ станува луксуз кој малкумина можат да си го дозволат. Кога опстанокот на една редакција зависи од државно рекламирање или од волјата на неколку моќни маркетинг агенции, уредувачката политика неминовно почнува да „танцува“ по нивната музика. Новинарството стана несигурна професија – егзистенцијален страв кој природно води кон автоцензура.

Ако направиме пресек на домашната медиумска сцена, сликата е далеку од идеална. Таа е заглавена во неколку клучни проблеми кои го гушат вистинското новинарство:

1. Кој ги поседува медиумите? (Потребата од медиумски ветинг) Вистинската слобода започнува со транспарентноста на капиталот. Не можеме да зборуваме за независно новинарство ако не знаеме кој ја плаќа сметката. Примерите од соседството, како медиумските империи на Дељан Пеевски во Бугарија или пропагандната машинерија на Виктор Орбан која пушти длабоки корени и кај нас, покажуваат како капиталот се користи за политички инженеринг. Затоа, медиумскиот ветинг – проверка на потеклото на парите и сопственичките структури – е неопходен чекор. Граѓаните имаат право да знаат дали веста што ја читаат е новинарски извештај или платена агенда.

2. „Заробениот“ Национален сервис Националната радиотелевизија (МРТ) треба да биде столбот на објективното информирање и едукација. Наместо тоа, таа со години функционира како партиски бастион. И покрај огромниот буџет од 15 милиони евра за плати, сведочиме на отсуство на сопствена квалитетна продукција, едукативни и истражувачки емисии. Додека националниот сервис се полни со копродукции, граѓаните голем дел од спортските настани ги следат на странски канали. Ова не е само медиумски, туку и културен пораз.

3. Смртта на дописничката мрежа и „копи-пејст“ ерата Новинарството бара чевли на терен. Денес, македонските медиуми речиси и да немаат свои дописници во клучните светски центри како Вашингтон, Брисел или Лондон, но уште потрагично – немаат дописници ниту од Делчево, Берово или Кратово. Сведени сме на „копи-пејст“ новинарство, каде 99% од надворешните вести се некритички преземени од странски центри (најчесто од соседството). Кога немате свои луѓе на терен, вие не информирате, туку само преведувате туѓа пропаганда.

4. ПР-от како замена за новинарството Институциите и политичките партии го киднапираа медиумскиот простор. Кога една партија до пладне ќе испрати 14 прес-соопштенија, тоа не е транспарентност, тоа е задушување на етерот. Истовремено, вистински важните, но проблематични вести за естаблишментот, се пуштаат доцна навечер, околу 22 часот – време избрано не за да се информира јавноста, туку веста тивко да „умре“ во сенките на забавните програми.

Слободата на медиумите во Македонија е претворена во сапуница во која политичарите го пишуваат сценариото, а граѓаните се принудени да ја гледаат. За да излеземе од овој круг, потребно е будење на професијата. Ни требаат медиуми кои ќе бидат контролори на власта, а не нејзини ПР-служби. Ни требаат институции кои нема да се плашат од критичко перо и новинари кои ќе одбијат да бидат само држачи на микрофони.

Без слободни, финансиски транспарентни и професионални медиуми, нема демократија. Има само илузија на слобода во која вистината е првата жртва.