Случајот со Матка пред антикорупциска, се отвора предмет и за вработувањата во АВМУ

Антикорупциска комисија реши да отвори истрага за случајот со дивоградбите на Матка. Ќе проверува дали има злоупотреба и незаконско работење од општина Сарај. Откако Државниот градежен инспекторат се прогласи за ненадлежен бидејќи во општина Сарај има барање за легализација на дивоградбите, што било доволна причина да се запали алармот во Антикорупциска.

„Ние будно ја следевме состојбата со Матка, меѓутоа вчера слушнавме дека институциите се прогласија за ненадлежни и тоа нас ни го запали црвеното светло и сметаме дека има тука елементи на корупција бидејќи општината долго време не донесува одлуки и имаме обврска и надлежност да го испитаме случајот. И затоа по сопствена иницијатива го отвораме случајот“, изјави Билјана Ивановска – претседателка на ДКСК.

Антикорупциска отвори предмет и за вработувања на двајца правници во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги и тоа во време на изборниот процес. Претседателката Ивановска не сакаше да открие за кого точно се работи.

„Имиња не откриваме,слушнавме дека во изборен процес има две вработувања на двајца правници и затоа по сопствена иницијатива го отвораме предметот. Ќе го разгледаме и ќе видиме дали се точни наводите“, додаде Ивановска.

Антикорупционерите најавија дека ќе го истражуваат и случајот во Струга, каде во неколку наврати се палеше трската. Веднаш потоа започнаа и градежни работи со тоа што одредени парцели меѓу Струга и Калишта почнаа да се тампонираат и да се поставуваат бетонски огради. Во јавноста имаше постојано реакции дека се пали трска и се узурпира земјиштето, но досега инспекциски служби не реагираа. За вработувањето со ќерката на претседателот на Собранието Талат Џафери во ЕЛЕМ, предмет кој беше отворен меѓу првите велат дека чекаат дополнителни информации за критериумите при вработувањето и за ранг листата на другите кандидати.

РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното