Трагедијата во гостиварското село Горна Ѓоновица, каде во викендица беа пронајдени безживотни телата на двајца 30-годишници од Скопје, повторно го вклучи црвениот аларм за опасностите од греењето на дрва и неисчистените оџаци.
Иако обдукцијата треба официјално да ја потврди причината, отсуството на траги на насилство укажува на класичен случај на труење со јаглерод моноксид – гас кој лекарите го нарекуваат „тивок убиец“.
Како убива јаглерод моноксид?
Д-р Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина, објаснува дека овој гас е смртоносен бидејќи е безбоен, без мирис и многу токсичен. Кога ќе се вдише, тој се врзува за крвта многу побрзо од кислородот.
„Го заменува кислородот, има афинитет околу 200 пати повеќе. Исто така се врзува и со миоглобинот во мускулите и тие луѓе се онеспособени, самоспасувањето е онеспособено. Вообичаено ги наоѓаме или во кревет или покрај врата кога се обидувале да излезат“, вели д-р Станков за канал 5.
Симптомите започнуваат со зуење во ушите, треперење пред очите, вртоглавици и мускулна немоќ, што води до онесвестување, грчеви и кома.
Чибишев: Гледаат како им доаѓа смртта, а не можат да се помрднат
Токсикологот д-р Андон Чибишев користи морничав, но прецизен опис за оваа состојба – „смрт со отворени очи“. Тој предупредува дека жртвите честопати не чувствуваат никакви тегоби додека не биде предоцна.
„Одеднаш настанува мускулна слабост затоа што мускулите остануваат без кислород и не можат да функционираат. Индивидуата не може да се движи и практично гледа како му доаѓа смртта“, појаснува Чибишев.
Опасност во викендиците
Експертите апелираат на особена внимателност во зимскиот период, особено при престој во викендици кои не се користеле подолго време. Најчести причини за појава на јаглерод моноксид се:
- Недоволно согорување на дрвата.
- Затнати или неисчистени оџаци.
- Користење на агрегати во затворен простор.
Црната статистика
Овој случај потсетува на слични трагедии од минатото. Чибишев посочува на неодамнешниот случај со пар кој почина во гаража обидувајќи се да се затопли во автомобил. Јавноста сè уште ја памети и големата трагедија во Босна и Херцеговина пред пет години, кога по новогодишна прослава, осум тинејџери беа пронајдени мртви, задушени од гас од агрегат за струја.
По наредба на Јавен обвинител, телата на момчињата од Скопје се дадени на обдукција.
