Свет

Снежен хаос во Европа: Илјадници патници заглавени, температури под -30 степени

Снежен хаос во Европа: Илјадници патници заглавени, температури под -30 степени

Снегот, ледениот дожд и екстремно ниските температури предизвикаа вистински сообраќаен хаос низ многу европски земји, токму во деновите кога граѓаните масовно се враќаат на работа по божиќните и новогодишните празници.

Колапс на аеродромите и железниците

Најтешка е состојбата во Холандија, каде на амстердамскиот аеродром „Схипхол“ се откажани околу 450 летови. Целосно е во прекин и железничкиот сообраќај во Амстердам и регионот Утрехт, а слични проблеми со возовите се пријавени и во Полска. Во Шведска, аеродромот во Стокхолм исто така се соочува со откажани летови, додека во вечерните часови се очекуваат нови снежни врнежи.

Екстремен студ: -30,6 степени во Чешка

Европа се соочува со леден бран кој донесе рекордни ниски температури. Во Чешка, на границата со Германија, измерени се неверојатни -30,6 Целзиусови степени. Поради лизгавите патишта, особено во планинските предели, регистрирани се бројни сообраќајни несреќи. Во Австрија е издадено предупредување за западот на земјата, каде се очекува температурите да се спуштат до -17 степени.

Затворени училишта и отсечени села

Во Велика Британија, поточно во Шкотска, стотици училишта останаа затворени поради невремето, а во поголем дел од земјата е на сила жолт аларм поради обилни снежни врнежи.

Слично е и во Франција, додека на Балканот најпогодени се Босна и Херцеговина и Романија. Во романскиот регион Трансилванија, неколку села се целосно изолирани откако снегот ги прекри сите пристапни патишта.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни