Македонија

Со брусилица исечени над 45 столбови на патеката Попова Шапка – Титов Врв

Со брусилица исечени над 45 столбови на патеката Попова Шапка – Титов Врв

Повеќе од 45 од вкупно 112 новопоставени столбови за зимска маркација на планинарската релација Попова Шапка – Титов Врв се уништени, оштетени или целосно отстранети, информира Здружението за Одржлив Развој САТ – Скопје. Дел од столбовите, според здружението, биле пресечени со брусилица.

Станува збор за зимска маркација поставувана во периодот од ноември 2025 до крајот на јули 2026 година, на патека долга околу 11 километри. Во поставувањето учествувале повеќе од 25 локални волонтери и мали бизниси од Тетово и Боговиње, кои работеле во тешки планински услови.

Од здружението велат дека штетата не е само материјална, туку може директно да влијае и врз безбедноста на планинарите.

Зимските столбови се особено важни во услови на снег, магла, силен ветер и намалена видливост, кога летната маркација може да биде целосно покриена или невидлива. Тие служат како точки за ориентација и помагаат планинарите да ја следат безбедната рута.

Според проценките на САТ – Скопје, финансиската вредност на причинетата штета изнесува најмалку 8.000 евра, односно околу 500.000 денари.

Маркацијата била поставена во рамки на проектот „Славков – Маркација на планинарски патеки во С. Македонија“, со финансиска поддршка од амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка, како и од Скопска Пивара. Проектот го спроведувале Одржливи Авантуристички Патувања и Организацијата за одржлив развој САТ Скопје, во соработка со Планинарската федерација на Северна Македонија.

Случајот е пријавен во Полициската станица Попова Шапка. На 19 август, стручен тим на полицијата, во присуство на претставници на Националниот парк Шар Планина, извршил увид и ги документирал локациите на оштетената и отстранетата опрема.

Од здружението очекуваат надлежните институции да ги утврдат сторителите и околностите под кои е извршено оштетувањето.

Тие апелираат до сите посетители на Шар Планина да ја почитуваат планинарската инфраструктура и да го пријават секое оштетување или отстранување на маркацијата.

„Во услови на снег, магла и невреме, маркацијата може да ја направи разликата помеѓу безбедното враќање и губењето во планината“, предупредуваат од здружението.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни