Македонија

Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ се врати стравот кај граѓаните дека некој ги следи и прислушува, вели Спасовски

Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ се врати стравот кај граѓаните дека некој ги следи и прислушува, вели Спасовски

Промените на власт и доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на чело на државата повторно кај дел од граѓаните ја отвораат темата за страв од можни полициски притисоци, следење и нарушување на приватноста, оцени поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник Оливер Спасовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Тој посочи дека со актуелните политички случувања повторно се актуелизираат прашања поврзани со безбедносниот сектор и довербата на граѓаните во институциите, особено во делот на заштитата на приватноста.

Според него, ваквата состојба создава чувство на несигурност кај дел од јавноста и ги враќа дебатите за можни злоупотреби на системите за следење.

„Сериозно се поставува прашањето: зошто секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, пред секој граѓанин се отвора таа перспектива дека некој може да нѐ следи, да нѐ прислушува и дека може да имаме одредени компликации во животот? Без разлика дали станува збор за следење или за инспекциски надзори од било кој тип со цел притисок, факт е дека во овој период повторно почнуваат такви стравувања кај граѓаните“, изјави Спасовски.

Тој нагласи дека државата веќе има воспоставен законски систем во кој мерките за следење се строго регулирани и контролирани, но предупреди дека тие механизми мора да останат исклучиво во функција на безбедноста и борбата против криминалот.

„Ние сега имаме уреди и системи кои се легално поставени и кои треба да служат исклучиво за безбедноста на државата и борбата против криминалот. Граѓаните не смеат да живеат во страв дека тие системи ќе се злоупотребуваат за политички притисоци“, заклучи Спасовски.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио за изборите во Србија и Бугарија со Синиша Пекевски, Игор Бесермењи и Румен Скрински

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни