По неуспехот на Европскиот совет за давање датум на Скопје за почеток на преговорите, европскиот оптимизам кај граѓаните, ЕУ ќе се обиде да го одржи преку фондови за општините. Тешкотијата за одржување на европската надеж кај граѓаните ја потврди и амбасадорот за ЕУ во земјава, Самуел Жбогар.
-Претседателот на Европскиот парламент беше тука овие денови и слушна многу за тешкотиите за одржување на оптимизмот по одлуката на Советот. Тешкотијата за одржување на надежта кај граѓаните за европската иднина. Ние како делегација на ЕУ и градоначалниците немаме некоја улога во политиката и големите одлуки во Брисел но имаме улога овде за да им покажеме на граѓаните дека сме овде, со политичка поддршка и фондови-вели Жбогар.
Со или без датум за преговори, преку подобрување на животот со фондови од ЕУ, на граѓаните ќе им се овозможи да се почувствуваат како во Европа, рече Жбогар.
„Да им помогнеме на градоначалниците општините да ги направат европски, граѓаните да ја почувствуваат Европа, да ја живеат Европа со или без почеток на преговорите. Така што заедно се надеваме да го одржиме и зајакнеме оптимизмот и мотивацијата кај луѓето, помагајќи да се смени животот во општините“, вели Жбогар.
И државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања, Калинка Габер смета дека разочараноста од недобивањето датум во општините се чувствува помалку.
„Може да видиме дека во моментов има разочарување на централно ниво, во општините се отсликува некако поинаку, односно, можеби не е разочарување туку повеќе гледаат на можностите кои може да ги донесе нашата соработка. Јас сум една од тие кои не сакаат да зборуваат за донации туку за поддршка од пријателите и партнерите“, изјави Габер.
Евро амбасадорот рече дека ЕУ е најголем донатор на фондови во РСМ, со околу 100 милиони евра годишно, а се планираат и други дополнителни фондови, најави Жбогар.
Во текот на годината, делегација на Унијата посетила многу градови низ земјава за да ги претстават фондовите од ЕУ и можностите кои ќе ги имаат општините од нив. Денеска се собраа сите заедно, делегација на ЕУ и градоначалниците за да разменат информации за идните фондови и за начинот на аплицирање.