Со пари може да се купи исказот на Кичеец? Боки 13: „Треба да сум жив, а не мртов за да кажам сè што знам“

Засега непознато машко лице, според информации на ТВ21 полициски службеник преку неколку канали врши продажба на строго доверливи документи од одделението за гонење на организиран криминал и висока корупција.

Последниот таков случај бил пред неколку денови. Преку мобилен телефон со префикс 079 контактирал еден од одбраната на осомничените во „Рекет“ и ги прашал дали се заинтересирани за откуп на исказот на Кичеец, дознава ТВ21 од извори во истрагата.

Случајот е пријавен кај обвинителката Вилма Русковска која го води предметот и која за ТВ21 потврди дека почнала истрага. Исказот на Кичеец за сега не познат за адвокатите на Катица јанева и Бојан Јовановски бидејќи Обвинителството реши да не им биде даден на увидот.

Јовановски денеска на јавна седница детално ја опишуваше неговата здравствена состојба. Вели дека психички е добар, но не и физички. Вели дека двете неуспшени операции на неговиот желудник биле лекарска грешка.

„Пресечен ми е нерв на желудникот и со тоа повреден ми е хранопроводот. И додека стојам тука пред Вас имам органски проблеми. Треба да сум жив и здрав, а не мртов. Живеам за да ја докажам вистината за случајот, да ги кажам целосно сите сознанија кои ги имам со факти и докази и во една фер судска постапка да ја докажам невиноста“, рече Боки 13.

За какви сознанија зборува Боки и што има да каже, неговито адвокат не знаеше.

„Не знам, тоа ќе треба него да го прашате. Јас какви сознанија има не знам. Можеби има повеќе сознанија од самиот предмет што е. Тоа ќе треба него да го прашате.“, изјави Дуковски, адвокатот на Боки 13.

Јовановски секој втор ден се носел на торахална хирургија, бидејќи не може да јаде и повраќа. Не ја исклучува можноста за спогодба со обвинителството.

„Не сме размислувале во тој правец. За спогодба како што знаете во оваа фаза прво треба двајца. Прво воопшто не сме размислувале ниту јас ниту осомничениот, а од друга страна како што реков треба двајца“, рече Дуковски.

Обвинителството е децидно дека Боки треба да остане во притвор, поради можност за бегство. Од таму велат дека Јовановски нема семејство, не е вработен, нема недвижности, а често патувал.

Во притвор освен Јовановски е и екс-специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а второосомничениот се брани од куќен притвор.

Извор: ТВ21